18.1.17

Moj intervju za agenciju Anadolija na makedonskom jeziku

„Без Турција нема решение за сириската криза"

„Жално е тоа што Европа и современиот свет ги забележаа бегалците дури тогаш кога дојдоа на нивните врати. Уште пожално е тие во бегалците, а не во оние што ги направиле бегалци, да гледаат опасност за себе“, вели аналитичарот Јусиќ

СКОПЈЕ (АА) - Адмир Фазлагиќ

Босанскo-херцеговскиот политички аналитичар и експерт за Блискиот Исток, Мухамед Јусиќ, вели дека без Турција нема решение за сириската криза.

Во разговор за Anadolu Agency (AA), Јусиќ ја објаснува кризата на Блискиот Исток, со акцент на сириската криза, како и можноста за евентуални решенија. Јусиќ потсетува на фактот дека сегашните судири во Сирија започнаа како мирни демонстрации на граѓаните, не само во Сирија, туку во целиот арапски свет, преку кои се бараа повеќе слобода, демократски избори и човекови права.

Според него, сирискиот народ бараше рамноправна поделба на привилегиите на позициите во власта и во војската, поради тоа што, како што вели, беше фаворизирана една група, односно едно семејство.

„На почетокот, демонстрантите воопшто не бараа режимот на Башар ал-Асад да си замине од власта, туку бараа само поголеми слободи и права. По бруталниот одговор дојде до ескалација на судирите“, вели Јусиќ, истакнувајќи дека режимот на Сирија на овие демонстрации одговори со невидена бруталност.

Тој посочува: „На почетокот, демонстрантите воопшто не бараа режимот на Башар ал-Асад да замине од власта, туку бараа само поголеми слободи и права. По бруталниот одговор, дојде до ескалација на судирите“.

Јусиќ вели дека меѓународната заедница на почетокот ги игнорираше случувањата во Сирија и на ваков начин се создаде простор за терористичките групи што сакаа да ја „киднапираат“ сириската револуција. Според Јусиќ, ескалацијата на немирите во Сирија дојде откако режимот ослободи 41 осуден екстремист, кои имаа историја на насилство од верски побуди. Јусиќ понатаму потсетува дека овие лица беа ставени во затвор кога Иран ја презеде контролата над Ирак, откако Американците почнаа да се повлекуваат.

„Тие луѓе беа пуштени на слобода. Тоа се денешните команданти на Ел-Нусра и ДЕАШ. Тоа не се случи, онака, случајно. Тие требаше да послужат, пред сѐ, за да ја убијат сета сериозна, здрава опозиција во рамките на Сирија, да ја компромитираат однатре и на светската јавност да ѝ претстават дека оние што се бунтуваат против Башар се само екстремисти“, додава Јусиќ. Според мислењето на аналитичарот Јусиќ, режимот на Асад во голема мера успеал во тоа. Тој вели дека денеска речиси нема Слободна сириска армија.

„Можам слободно да кажам дека сириската револуција е ‘киднапирана’ од луѓе од целиот свет, кои дојдоа со некакви планови што немаат врска со она со што сириските луѓе, жени и младите излегоа на улиците“, смета Јусиќ.

- Судирот меѓу Саудиска Арабија и Иран се пресели во Сирија

Јусиќ нагласува дека со одолговлекувањето на сирискиот конфликт, регионалните и меѓународните сили нашле простор на некој начин да се вклучат во сирискиот судир заради своите лични интереси, и смета дека овој долготраен судир што владее меѓу Саудиска Арабија и Иран се преселил во Сирија.

Како што вели Јусиќ, се создаде ситуација во која почна да се подгрева дотогаш непостоечкиот сунитско-шиитски судир, при што шиитите чии припадници се воениот естаблишмент и економската елита, почнаа да се однесуваат како непријатели на сирискиот народ поради неговата припадност.

Наведувајќи дека во светската јавност преовладува впечатокот дека во Сирија има меѓумуслимански конфликт, Јусиќ вели: „Тие две сили успеја да го прикажат судирот како внатрешен муслимански судир. Иако судирот е повеќе поврзан со интересите на нафтените лоби групи, со тоа каде ќе одат гасоводите и нафтоводите, сега за светската јавност тој се доживува како меѓумуслиманска нетрпеливост и вера која има внатрешен конфликт“.

- Потребно е да се договорат регионалните и глобалните сили

Во однос на можните сценарија за расплет на човечката трагедија во Сирија, Јусиќ е со став дека сѐ додека не се договорат светските и регионалните сили што се присутни во Сирија, таму нема да има мир. Според Јусиќ, терористичките напади и бранот на мигрантите произлегоа како резултат на фактот што Европа ја игнорираше кризата во Сирија.

„Жално е тоа што Европа и современиот свет ги забележаа бегалците дури тогаш кога дојдоа на нивните врати. Уште пожално е тие во бегалците, а не во оние што ги направиле бегалци, да гледаат опасност за себе“, додава Јусиќ. Зборувајќи и во врска со прашањето за странските борци, Јусиќ вели дека нема ниту еден поголем светски судир во кој не биле вклучени странски доброволци. Сепак, тој уверува дека во Сирија феноменот на странски борци има друг тренд и заднина.

„Прашањето на Сирија има врска со грабнувањето на револуцијата. Има и добронамерни луѓе што одлучиле да помогнат во проектот којшто му нанел повеќе зло на сирискиот народ, отколку што му донел добро. Се зборува дека во Сирија има десетици илјади странски борци. Речиси нема држава од која нема претставници во таа војна. Второ, постои пишана трага за една расправа што се водеше меѓу Ал-Каеда и ДЕАШ во фазата на создавање на ДЕАШ. Во оние моменти кога почнал да се насетува тој раздор и пред да биде прогласен хилафет (калифат) и Исламска држава, интерните преписки укажуваат на тоа дека идеолозите на Ал-Каеда ги предупредувале идеолозите на ДЕАШ дека постои план, таканаречен ‘гнездо на оси’, кој е развиен во некои центри на моќ. Овој план оди кон тоа некаде – а во овој случај Сирија и Ирак се покажаа како плодно подрачје – да се создаде еден простор каде што насилните милитанти што имаат таков светоглед, од целиот свет би се собрале, би дошле и со нив да се реши далеку од очите на јавноста, далеку од меѓународните правила и од државните законодавства. Тие од Ал-Каеда ги предупредувале овие од ДЕАШ доколку тргнат со креирање на државна територија, дека влегуваат во замка што 'некоја мистериозна светска сила' ја осмислила.

- „Колку Гватанама треба да се отворат?"

Јусиќ стравува од последиците на влијанието на терористичката организација ДЕАШ, истакнувајќи дека светот стана глобално село. Тој уверува дека доколку на Блискиот Исток има безбедносни проблеми, ниту останатиот дел од светот не може да остане безбеден и мирен.

Јусиќ истакнува дека Гвантанамо беше голем проблем за американската администрација: „Колку Гвантанама треба да се отворат за да се реши проблемот на ДЕАШ? Што ќе биде со тие луѓе? Тие теми не смееме сѐ уште да ги поставиме. Плаши тоа што постојат обиди тие работи да се решат далеку од очите на јавноста, а она од што јас се плашам е дека секогаш кога такво нешто се случувало, последиците ги чувствуваме во идните 50 години“.

- Без Турција, нема решение за сириската криза

Објаснувајќи ги можните сценарија за решавање на долгогодишниот сириски конфликт, аналитичарот Јусиќ истакнува дека без Турција, нема решение за кризата во Сирија. Тој потсетува на фактот дека Турција во многу случаи била оставена сама да се бори со многубројните безбедносни проблеми.

„Сите сили што се наоѓаат на теренот на Сирија се далеку од Сирија на овој или на оној начин. Секој момент можат да ги повлечат своите авиони, да престанат да ги финансираат тие фракции на теренот. Турција нема таков луксуз. Сѐ што се случува, се случува во нејзиниот двор“, смета Јусиќ.

Според него, некоректно е тоа што товарот на бегалскиот бран и на сето останато од страна на сојузниците на Турција е оставен само на Турција.

„На некој начин, тоа се гледа и од изјавите на турските лидери. Тие се почувствуваа оставени во едно многу критично време да се носат со тој проблем. Без поддршка во бегалската криза, не беа подготвени да ја поддржат Турција финансиски и без некои противуслуги да ги згрижат бегалците. За другите безбедосни предизвици знаеме дека Турција предлагаше навреме и да се воведе забрана за летање и безбедносна зона во Сирија, но знаеме дека биле одбиени дури и од самите сојузници на Турција“, вели Јусиќ.

Тој нагласи дека Турција во иднина би можела да одигра многу конструктивна улога во решавањето на сирискиот проблем. Јусиќ смета дека во овој момент единствена здрава алтернатива што се нуди во Сирија се оние што на некој начин ги собира и ги претставува Турција во преговорите, но и на теренот.